За Нас

Што претставува Инкубатор?

ИНКУБАТОР Програмата за култура е проект на Интерарт Културниот Центар и претставува нова платформа за креирање на нов модел на работа кој треба да овозможи услови, продукција и промоција за младите уметници, во три меѓусебно поврзани невербални категории: современ танц, музика, визуелни уметности.

Целта на ИНКУБАТОР Програмата за култура е да им овозможи на младите да излезат од своите рамки, да експериментираат и креираат слободно, со цел да ја канализираат креативната енергија и да ги реализираат своите идеи со производство на уметнички дела кои ќе бидат конкурентни во секој поглед на професионалната современа сцена.

Ние во Интерарт создадовме платформа како ИНКУБАТОР бидејќи длабоко веруваме дека креативноста и потребата за изразување се водечки критериуми за развој на едно општество. Со цел да стимулираме развој од овој вид, ги овозможуваме потребните услови за слободно уметничко изразување на младите креативни потенцијали во Македонија.

ИНКУБАТОР Програмата за култура е прв чекор кон создавањето на ИНКУБАТОР – Мултимедијален центар за современа култура, кој е воедно и нашата крајна цел. Создавање на нов простор, во кој ќе се акумулира и канализира креативна енергија на младите под менторство и со професионална поддршка – простор со којшто младите ќе се идентификуваат и во кој ќе имаат можност за развој.

Кои сме ние?

Интерарт Културниот Центар е единствен центар во Македонија посветен исклучиво на развојот на современиот танц. Центарот дизајнира проектни линии на повеќе нивоа: едукација, продукција и презентација, со кои во изминативе 20 години, отвори широка платформа за развој на современата танцова уметност во Македонија.

Од самиот почеток на своите активности во 1996 година, центарот создава силни врски со различни, престижни центри, фестивали и акедемии од Европа и САД, како Кореографскиот центар во Сан-Сен Дени, Бањоле, Париз: Ротердамската академија, КОДАРТС Универзитет и Холандскиот танцов фестивал, Холандија; American dance Abroad, Њујорк, САД и Танцовата унија помеѓу земјите на Централна и Југоисточна Европа и Кина. Преку овие конекции, Македонија имаше можност да биде домаќин на различни кореографи, вистински претставници на светската современа танцова сцена, кои настапуваа на проектите на Интерарт Културниот Центар: „Недела на Модерен Балет“, дел од фестивалот Охридско лето во периодот 1996/2002; Април – Месец на танцот! – Скопје, 2002/2003; фестивалот ТАНЦ ФЕСТ во периодот 2005 до денес.

Центарот, кој работи на афирмација и популаризација на Современата танцова македонска сцена, создаде комплетна инфраструктура за современ танц во Македонија, преку отворањето на Академијата за Современ танц, во 2010 г., во соработка со една од најпрестижните светски танцови академии, со искуство од преку 80 години постоење – Rotterdam Dance Academy, од Холандија и формирањето на првиот танцов театар, во 2011г. – Скопје Танцовиот театар. Преку овие активности Интерарт Културниот Центар стана лидер на развојот на современиот танц, не само во земјата, туку и во регионот.

Интерарт Културниот Центар ги спроведува премисите на ЦИД УНЕСКО од 2003г., промовирајќи ги вредностите за кои УНЕСКО се залага, за зачувување и развој на духовното и нематеријалното наследство. Центарот организираше два Регионални конгреси на ЦИД УНЕСКО во Македонија, Конференција на тема „Танцот како експресија на култруните разноликости“ поддржана од УНЕСКО, како и конференции за танц на тема „Современиот танц (култура) како фактор на трансформација на општеството“, поддржани од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.

Интерарт се јавува како издавач на книгата „Уметноста на Танцот“, трите публикации за современ танц: „На крилјата на танцот“; „Нов танцов театар“, „Патот на промените“ и „Скопје танцова академија – Почетоците“.

Во својата долгогодишна работа Интерарт успева да ја претстави Македонија надвор од нејзините граници, на престижни фестивали и манифестации, со што ја промовира македонската современа култура на највисоко ниво.